КС Групација потпиша меморандум за соработка со УКЛО

Насловна слика

Во петокот на 17ти мај во просториите на Ректоратот на Универзитетот “Свети Климент Охридски”-Битола, беше потпишан Меморандум за меѓусебна соработка помеѓу компаниите кои се дел од КС Групацијата и Универзитетот “Свети Климент Охридски”-Битола.  Договорот ја вклучува програмата за стипендирање која КС Групација ја започна уште минатата година и активно ја промовираше на неколку единици од универзитетот во изминатиов период. Потписници на договорот беа сопственикот на КС Групација господинот Никола Митровски и ректорот на Универзитетот “Свети Климент Охридски”-Битола, проф. д-р Игор Неделковски.

Овој Меморандум за соработка е резултат на програмата за општествена одговорност на КС Групација чиј основен постулат е вложување во иднината на новите генерации. Младите се идните лидери на ова општество и затоа е најважно да се вложи во нивното образование бидејќи она што ќе се посее тоа и ќе се жнее. Програмата за стипендирање на КС Групација ги опфаќа средношколци и студенти и вклучува двомесечна платена пракса со менторска подршка во канцелариите на Групацијата во Битола. Овој Меморандум претставува симбиоза во соработката помеѓу два клучни ентитети во општеството и тоа образовните институции и бизнис заедницата која на директен начин поттикнува синергија помеѓу образовниот и бизнис секторот. Оваа синергија е најважниот елемент во обликувањето на идните академски граѓани кои несомнено ќе треба да го превземат кормилото на нашиот општествен брод кој е соочен со тонење ако не се реагира навремено.

“Нашата програма за стипендирање ги опфаќа сите студенти почнувајќи од бруцоши па се до апсолвенти. Ние доделуваме стипендии за 10 месеци вклучувајќи и платена пракса од 2 месеци со што нашите стипендии добиваат формат на годишно стипендирање со исплати на месечно ниво. Стипендиите имаат раст во зависност од успехот на студентот и најважно од се нашата групација доделува неограничен број на стипендии. По завршувањето на програмата за стипендирање нашите стипендисти стануваат дел од нашиот тим бидејќи самата програма нуди можност за вработување. Сигурни сме дека на овој начин придонесуваме за професионален раст и развој на студентите и им даваме мотив да останат во својата родна земја. Минатата година доделивме стипендии на студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии.  ” – изјави  Марија Бошевска од секторот за човечки ресурси од КС Групација.

Преку поддршката на образованието и професионалниот развој на учениците и студентите компаниите можат директно да учествуваат во подобрувањето на општествената слика на една држава. Затоа КС Групацијата сака со личен пример да ги поттикне останатите компании од своето деловно опкружување да покажат повисок степен на општествена одговорност бидејќи само со здружени сили може да се подобри нашето живеење. КС Групација ќе продолжи со својата програма за општествена одговорност и ќе се труди постојано да ја подобрува и надоградува со елементи кои смета дека се од клучно значење за обезбедување на подобри услови за раст и развој на сите луѓе во општеството.

Подетални информации околу програмата за стипендирање на КС Групација може да прочитате на следниов линк: https://klubsport77.mk/stipendii/